Премиера „Хамлет“ од Вилијам Шекспир

EN↓@15.12.2018 @20:00

ПРЕМИЕРА – Сабота – 15 декември, 20 часот
„ХАМЛЕТ“ од Вилијам Шекспир
Кино Култура
Театар Навигатор Цветко

Режија: Милош Б. Андоновски

Драматург: Ивана Нелковска

Кореограф: Александра Петрушевска
Музика: Александар Гроздановски
Играат: Симона Спировска,
Мартин Манев,
Симона Димковска,
Горан Ников,
Стефан Вујисиќ,
Наталија Теодосиева,
Јеткин Сезаир
Дени Стојанов
Костимограф: Марта Дуфне

Дизајн на плакат: Немања Трајковиќ

Игра меѓу реалното и фиктивното. Претопување на она што било со она што е. Телесна артикулација на емотивната болка, на страдањето и очајот. Хамлет лебди меѓу два света и ја бара својата припадност во светот на илузијата. Што е тоа што е вистинско? Дали воопшто постои реалноста или и таа е нечија режија? Дали политичките игри се менуваат низ вековите или формата им е толку успешна, што не им е потребна никаква трансформација?
Театарот е безбеден додека се држат конците и е под контрола она што се случува, но во моментот кога се излегува од безбедната зона, во која сме кралеви на експериментирањето, се губи битката со реалниот свет, чија доминатна црта е суровоста. Безвременскиот Хамлет непрестано ги поставува своите прашања, ги менува своите форми низ ситеш сцени на светот за во Скопје, во 2018 година, да го заземе сегашниот изглед и да поставува прашања за времето што било и времето што е сега.

Ивана Нелковска
Драматург

***
Хамлет не е пасивен набљудувач. Тој дејствува на начин кој за него е најсвојствен, а можеби и единствен: театарот. Од позиција на својот сензибилитет (морален, интелектуален, уметнички, поетски, театарски) тој режира претстава за проблемот кој го мачи, но останува немоќен во пронапѓањето на новите механизми за излез од затегнатиот политички круг.
„Да бидеш или не“ во оваа претстава не одекнува како прашање, туку како одговор. Прашањето кое се поставува е „КАКО да бидеме“?
Претставата е истовремено и мека и цврста, и елегантна и груба со својата жестокост. Ова е прва независна постановка на Хамлет во Македонија и го прикажува политичкото будење на младиот човек. Тоа е драматичен процес, исто како и спознавањето на механизмите на политичката игра.

Милош Б. Андоновски
Режисер

Оваа претстава е дел од проектот „Направете место за младите театарџии“ со кој Театарот на Навигатор Цветко и Кино Култура имаат цел да поттикнуваат нова театарска продукција и да афирмираат млади автори.

Проектот е поддржан од општина Центар и Министерството за култура на Р.Македонија.