Средба со поетот Ѓоко Здравески: Суров е светов во кој живееме, го владеат луѓе со замрачени умови
По четири поетски книги објавени во „Антолог“, поетот Ѓоко Здравески на третото издание на фестивалот „Арт ареа“ во Кино Култура, ја промовираше збирката со кратка проза „Отсечки стварност“, објавена во „Бегемот“.
Средбите со Ѓоко Здравески секогаш ни се случувале на книжевен терен. Или тоа била промоција на книга, или саем на книги, или бил модератор на некој книжевен настан, а често се сретнувавме и во, сега непостоечката, „Менада“ во Старата скопска чаршија, каде што се одржуваше поетската ѓурултија „Астални проекции“. И оваа средба се случи во рамките на фестивал на кој најголем дел од програмата е посветен на книжевноста. Издавачот „Бегемот“ ја објави збирката со кратка проза „Отсечки стварност“, а поетот Ѓоко Здравески сега стана и писател, покрај веќе познатите лекторска и уредувачка работа за неколку издавачки куќи и интернет-портали. Со математичка точност збирката ја поделил на пет сегменти – Точки, Кругот, Вектори, Отсечки, а бравурозното финале е оставено за „Господин П. според Хармс“.
Првото прашање што се наметна на средбата беше колку реалноста/стварноста е поподатлива за кратка проза од поезијата, но и колку стварноста е подредена на математичките принципи:
– Тоа е истата стварност, само во поезијата погледот го насочувам повеќе кон внатре, а во прозата го набљудувам светот надвор од себе. Ама, тоа е истиот поглед. Последните десетина години учам отстрана да го набљудувам светот, без страст на навивач, за да го видам појасно. Особено внатрешниот свет. Затоа што, стварноста е како кинопроекција, можете да интервенирате само во проекторот. Ако пробате да смените нешто на платното, само беља ќе направите.
Во книгата прво се појавија Отсечките, насловот го знаев години пред да биде објавена книгата. Отсечка како блискозвучно и блискозначно до отсечок, делче од стварноста. Интересно ми е дека во нашиот јазик зборот за овој математички поим звучи толку книжевно. Во некои други јазици – на кои веќе се преведоа дел од цртичките – не е така, па одевме со инакви решенија, оддалечувајќи се на тој начин од математиката.
По Отсечките, дојдоа и Точките, Кругот и Векторите. Точките се оние најкусите раскази, Отсечките се оние малку подолгите, бидејќи сите раскази во книгата се куси, Векторите се патувачките раскази, а во Кругот се расказите од кругот на семејството. Тоа со кругот беше обид да се биде духовит. И, сега, конечно да одговорам на прашањето: верувам дека е стварноста детерминирана и дека сѐ во неа е скоцкано по математички принципи. Парадоксално, слободната волја се раѓа во мигот кога ќе сфатиме дека е светот строго детерминиран, а нам ни останува само да ја поставиме својата вертикална оска. И од тој миг натаму – festina lente. Брзање пополека, продуховено открива Здравески.
Кога не пишува или преведува или лекторира, тој знае да работи и како библиотекар, шанкер и свештено лице. Каде и да е во себе секогаш носи силна духовна енергија, која ја црпи од повеќе извори.
– Медитацијата, јогата и молитвата ме спасуваат во животов. Колку и да звучи излитено тоа, со оглед на тоа дека – како што пиша еден драг човек – јогата е новото карате, па како печурки никнуваат јога-школи и јога-даскал(к)и – овие три работи ми го одржуваат духот здрав и вертикалата цврста. Таков сум подобар и за себе и за луѓето што ми се близу. Оти, суров е светов во кој живееме, го владеат луѓе со замрачени умови, кои не гледаат подалеку од своите гениталии и од својот мев, а првата голема промена се случува кога ќе се скокне угоре од папокот кон срцето. Тогаш сѐ одеднаш се менува и јасно станува вртењето на другиот образ.
Ѓоко Здравески беше еден од духовните двигатели на „Астални проекции“. Затворањето на „Менада“ значеше крај за таа спонтана книжевна ѓурултија, на која стихови читаа познати и непознати поети и љубители на пишаниот збор, но резултатите би требало да им дадат поттик на некои следни генерации.
– Кон крајот на 2017 година во „Бегемот“ ја објавивме монографијата „Астални проекции“ и со тоа го затворивме кругот. Астални се случија 40 пати во четири години и некако природно престанаа да се случуваат. Кога почнавме да ги правиме, јас не бев овој што сум сега, тоа беше некој друг човек, со инакви пориви. Сега веќе немам порив да застанувам пред луѓето еднаш во месецот и да бидам медијатор, а најубаво ми е нештата да ги правам оти нешто така ме тера, инаку се само пуста форма, а однатре се јалови. Се надевам дека некои други луѓе ќе сетат во себе потреба да направат нешто слично на тоа што сите ние заедно го правевме во „Менада“ тие четири години, затоа што градов пека по убавина.
Преземено од