06-08.11.2020
„Мајсторски работилници по актерска игра и режија“ 2020
На 6-ти, 7-ми и 8-ми ноември Театарот на Навигаторот Цветко и Кино Култура – проект просторот организираат втора серија на работилници како дел од проектот „Мајсторски работилници по актерска игра и режија“. Во 2019 се оддржа првата серија неколку работилници за актерска игра и режија во просторот на Кино Култура.
Оваа година ќе се оддржи работилницата за актери ПРОСТОР И АТМОСФЕРА – според техниката на Михаил Чехов, која ќе биде предводена од Улрих Мејер – Хорш, актер и режисер, која го истражува просторот во драмата „Вишнова градина“ на Антон П. Чехов. Што се случува кога ќе навлеземе во светот на пиесата и ќе дозволиме да нè изненадат нејзината специфична динамика, енергија, јазик и простор?
Она коешто ќе нè води низ ова истражување се концептот на Михаил Чехов за „објективна атмосфера“ („душата на секое уметничко дело“), „Личната атмосфера на ликот“, како и „Чувството на леснотија, форма, убавина и целината“.
Клучни зборови: Лична и објективна атмосфера – Просторот на актерот наспроти просторот на ликот – Работа на восприемање – Високо Јас – Чувство на леснотија, Чувство на форма,Чувство на убавина и Чувство на целина
Работни часови:
Сесија 1: Петок 6-ти ноември, 18:00-20:00 часот,
Сесија 2: Сабота 7-ти ноември, 11:00-12:30 часот,
Сесија 3: Сабота 7-ми ноември, 18:00-19:30 часот,
Сесија 4: Недела 8-ми ноември, 11:00-13:00 часот.
Подготовка: Ве замолуваме темелно да ја прочитате драмата „Вишнова градина“ на А.П.Чехов и да научите еден монолог од неа на македонски, англиски или на кој било јазик кој ви одговара.
Пријавување: На работилницата можат да се пријават сите професионални, дипломирани актери или студенти по актерска игра.
Ве молиме испратете e-mail на mihailcehovskopje@gmail.com со вашето име и презиме, и класа на дипломирање или година и класа во која сте на моменталните студии, а со оглед на тоа што работниот јазик ќе биде англиски, напишете ни дали ви е потребен превод од англиски на македонски јазик. За време на работилницата ќе има одговорно лице за превод, доколку има потреба од тоа.
Работилницата ќе се одвива на платформата Zoom, а бројот на учесници ограничен.
На првиот ден од работилницата ќе добиете меил со линк до сесијата и дополнителни информации.
Техниката на Михаил Чехов – како прецизен набљудувач на „креативниот процес“, Чехов ја истражувал играта меѓу психата и телото, недопирливото и допирливото.
Открил едноставни и јасни алатки за актерот, основани на моќта на Концентрацијата и Имагинацијата, на Психолошкиот гест, Имагинарниот центар и Атмосферата.
Применети во пракса, овие техники му овозможуваат на актерот да го открие својот лик за релативно кратко време. Техниките отвараат врати кон креативната индивидуалност на актерот.
Михаил Чехов е светски признаен како еден од најголемите актери на дваесеттиот век. Во Московскиот Уметнички Театар, соработката меѓу К. Станиславски, Е. Вахтангов, В. Мејерхољд и М. Чехов води до театар кој бил храбар, експресивен и имагинативен. Во нивната работа, тие трагале по начела коишто би довеле до инспирирано актерство. Ова истражување, го навело Чехов да развие своја сопствена психо-физичка актерска техника, која ги вклучува телото и имагинацијата.
Откако заминал од Русија во 1928 година, Чехов поминал единаесет години низ Европа како актер, режисер и професор. Соработувал со Макс Рејнхард во Берлин и Виена, основал своја трупа во Париз и режирал во театрите во Рига и балтичките земји. Во 1936 година го отворил Театарското Студио Чехов во Дарингтон Хол, Англија.
Во 1939 година, се преселил во САД, кадешто предавал во Њујорк и во Холивуд.
Улрих Мејер-Хорш е актер, режисер и уметнички директор на Школата за театар Хамбург и основач на Михаил Чехов – Европа. Тој режира и игра во Германија и регионот повеќе од 25 години: Киелски театар, Лубек театар, Германски театар Хамбург, Франкфуртски театар, Хамбург, Хамбуршки камерен театар, Алтонаер театар, Комедија Дизелдорф и Максим Горки театарот во Берлин, како и многу други. Соработувал со Симон Мекберни, Аугусто Боал и Јоши Оида. Како наградуван режисер, познат е по постановките на Бертолд Брехт и Антон Чехов. До 2015 година бил уметнички ко-директор на Kreuzgangspiele Feuchtwangen, еден од најголемите германски летни театри.
Улрих Мејер-Хорш се стекнал со уметничко образование во Школата за театар О33 и има дипломирано театарска педагогија, теологија и филозофија од универзитетите во Хајделберг, Хамбург, Кил и Кралскиот колеџ, Лондон. Учел со поранешните ученици на Михаил Чехов, Хурт Хатфилд, Диадри Хрст ду Преј, Мала Пауерс и Јоана Мерлин, како и со мастер-професори од Германија и Русија. Во неговиот пристап кон Чеховската техника, тој вклучува и истражувачки методи на детските игри и работа со маски.
Од 1994 година па наваму, има предавано низ Европа, Русија, Ерменија, Средниот Исток, Бразил, Уругвај, САД, Јапонија, Сингапур и Тајван. Тој е предавач на универзитетот Једитепе, Истанбул, Турција и член на меѓународниот наставнички совет на Асоцијацијата Михаил Чехов, Њујорк. Основач е на Михаил Чехов – Европа, ко-основач на образовната наставна програма на МЧЕ којашто се предава во 15 земји во Европа и Азија.
www.sfsh.de/chekhov-international
*****
ПРОСТОР И АТМОСФЕРА – актерска работилница
Работилницата е дел од програмата Мајсторски работилници по актерска игра и режија организирана од Театар на навигаторот Цветко, и проект просторот Кино Култура.
Проектот е поддржан од Град Скопје и Министерството за култура на РС Македонија.