ДВЕ ЈАВНИ СЕСИИ НА ЛЕТНАТА ШКОЛА – КУРИРАЊЕ ВО КОНТЕКСТ

04/07.08.2020

Здружението на граѓани Локомотива – Центар за нови инцијативи во уметноста и културата од Скопје, на 25 август ја започна првата Меѓународна летна школа „Курирање во контекст” која ќе трае до 15 септмеври 2020 година.

Школата има за цел критички да рефлектира на различните социо-политички и економски контексти, и да развива кураторски методи кои ќе ги преиспитаат практиките на современите (изведувачки) уметности во однос на активизмот, социјалните движења и самоорганизација. Програмата на школата опфаќа семинари, предавања и презентации, работилници, дискусии, разговори со уметници и куратори, читачки групи и менторска робота, водени од признати професори, теоретичари, куратори, драматурзи, продуценти и уметници од  домашен и меѓународен контекст.

И покрај тоа што школата е од затворен карактер, за пријавените и селектирани учесници од домашен и меѓународен контекст, програмата опфаќа и две јавни сесии, за останатите заинтересирани лица, и тоа:

  • на 4 септември, во 13 часот, предавање на Горан Павлиќ (Хрватска) на тема: „Да се прифати или не квир: не-нормативен пристап кон курирање”
  • на 7 септември, во 20 часот, дискусија со: Маријана Цветковиќ (Србија), Јасна Јасна Жмак (Хрватска), Рок Вевар (Словенија) и Јасмина Заложник (Словенија) на  тема: „Обична криза, системска криза и иднината на знаењето во контекст на КОВИД-19 пандемијата на и нејзините последици”.

Јавните сесии ќе можат да се следат преку стриминг во живо на  Фејсбук, чии линк ќе биде објавен на Фејсбук страната на школата, до која може да пристапите на следниов линк

Школата има вкупно 18 учесници, студенти магистранти од меѓународни универзитети, како и куратори, истражувачи, теоретичари и останати културните работници со одредено искуство во полето. Од Северна Македонија по пат на отворен повик како учесници во школата се пријавија и беа селектирани: Јана Димитрова, Ивана Мирчевска и Кристина Тодороска Петреска.

Главната едукативна програма опфаќа семинари и работилници кои ќе ги водат: Уна Бауер (Хрватска), Кирстен Маар (Германија), Сузана Милевска (Северна Македонија), Горан Сергеј Присташ (Хрватска) и Данае Теодориду (Грција); предавања/презентации и дискусии со куратори, уметници и културни работници: Драгана Алфиревиќ (Србија/Словенија), Силке Баке (Германија), Бронвин Бејли-Чартерс (Шведска), Лидија Бел (САД), Ивана Васева (Северна Македонија), Мариана Валенциа (САД), Рок Вевар (Словенија), Дарко Драгичевиќ (Србија/Германија), Ана Ефермсон (Шведска), Јасна Јасна Жмак (Хрватска),  Јасмина Заложник (Словенија), Касилс (САД), Марија де ла Па Понзе (Германија), Горан Павлиќ (Хрватска), Марта Попивода (Србија/Германија), Николина Присташ (Хрватска), Анастасија Прошутинска (Русија), Тове Салмгрен (Шведска), Мартин Сондеркамп (Германија/Шведска), Тиииит! Инк. – Кристина Леловац и Јана Коцевска, (Северна Македонија) и Маријана Цветковиќ (Србија).

Доколку сте заинтересирани, деталната програма и распоредот на меѓународна летна школа „Курирање во контекст” може во целост да ја проследите на следниов линк.

Меѓународната летна школа  е дел од истоимениот проект „Курирање во контекст”, кој се реализира во партнерство помеѓу Локомотива Скопје, Танцфабрик од Берлин, Универзитетот за уметности во Стокхолм и Универзитетот во Загреб (Факултетот за драмски уметности). Проектот е поддржан од „Еразмус +” програмата за образование, тренинг, млади и спорт на Европска Унија. Меѓународна летна школа „Курирање во контекст” оваа година е поддржана и од Министерството за култура на Република Северна Македонија.

Школата иницијално беше замислена да се реализира во Скопје во „Кино Култура – проектен простор за современи изведувачки уметности и современа култура” но поради ситуацијата со ковид-19 и мерките за заштита и превенција од пандемијата, школата ќе се реализира онлајн преку специјално креирана дигитална платформа и со користење на други дигитални интерактивни алатки.

Тимот на школата го сочинуваат: Славчо Димитров и Биљана Тануровска-Ќулавковски (Куратори на школата), Виолета Качакова (продуцент на програмата на школата), Зорица Зафировска (Координација и ПР) и Јана Димитрова (Волонтерка).