КОНФЛИКТ! – работилница на Иван Поповски

02-05.12.2020

„Мајсторски работилници по актерска игра и режија2020

На 2-ти, 4-ти и 5-ми декември Театарот на Навигаторот Цветко и Кино Култура – проект просторот организираат втора серија на работилници како дел од проектот „Мајсторски работилници по актерска игра и режија“. Во 2019 се оддржа првата серија неколку работилници за актерска игра и режија во просторот на Кино Култура.

Во оваа година  ќе се оддржи работилницата за режисери КОНФЛИКТ –  предводена од Иван Поповски.

Конфликт

Вие сте млади, а јас не толку – конфликт; вие сте современи, а јас не толку – конфликт; вие сте во право, а јас не, или обратно – конфликт; вие сакате да ми верувате, ама внатре нешто ви се спротиставува – конфликт; вам не ви се бендисува претставата, ама знаете дека режисерот е „име” – конфликт; вие се согласувате, климате со глава, зошто знаете дека така е правилно, а внатрешниот глас се буни – конфликт; вие ме прашувате, а јас ви одговарам или не ви одговарам – може да настане конфликт :-); Вие сте режисер, а јас актер – конфликт или сојузници? Вие сте автор, а јас режисер – конфликт?

Иван Поповски

 

Термини:     

Сесија 1:         Среда, 2-ри декември, од 18:00 часот;

Сесија 2:         Петок, 4-ри декември, од 18:00 часот;

Сесија 3:         Сабота, 5-ри декември, од 12:00 часот;

 

Пријавување:                     

 

На работилницата можат да се пријават професионални, дипломирани режисери или студенти по театарска режија.

Ве молиме испратете e-mail на kinokultura2015@gmail.com со вашето име и презиме, година и класа на дипломирање или година и класа во која вомоментов студирате.

Работилницата ќе се одвива на платформата Zoom. На првиот ден од работилницата ќе добиете e-mail со линк до сесијата и дополнителни информации.

 

ИВАН ПОПОВСКИ е македонски режисер со руска „школа“, кој живее и работи во Москва повеќе од две децении. Роден на 2 Мај 1969 во Скопје. Беше примен на театарска режија на Државниот институт за театарска уметност (ГИТИС) во 1988 година. Дипломираше во 1993 година, во класата на познатиот руски режисер Пјотр Наумович Фоменко.

Во третата година од студиите Поповски ја постави претставата „Авантура“ според драмата во стихови од Марина Цветаева, заедно со своите сокласници. Претставата се играше во ходник на ГИТИС. „Авантура“ ја имаше својата премиера во 1991 година и го доби признанието од московската критика „Врв на сезоната“, за најдобра претстава на годината во Москва за сезоната 1991/92 година. „Авантура“ беше еден од најзначајните настани кои доведоа до тоа класата на професорот Пјотр Фоменко да прерасне во театарот „Мастерскаја П. Н. Фоменко”. Започнувајќи со оваа претстава, трупата доби и меѓународно признание и започна активно да гостува ширум Европа и светот.

Како еден од основачите, Иван Поповски е и еден од главните режисери на театарот од неговото основање па до денес. Негови претстави во „Мастерскаја“ се: „Авантура“ од М. Цветаева (1991), „Балаганчик“ според А. Блок (Москва/Париз 1994), „Отровната туника“ од Н. Гумиљов (2002), „Носорог“ од Е. Јонеско (2006), „Алиса зад огледалото“ според Л. Керол (2010) и „Сон на летната ноќ“ од В. Шекспир (2015), „Моли Свини“ (2020).

Во деведесеттите тој постави свои дела во многу театри во Москва, во Русија, но и ширум светот, од Омск до Њујорк. Некои од нив се следните:

  • „Вајар на маски“, со Независната трупа на Ала Сигалова, Москва (1992);
  • „Бања“ од Владимир Мајаковски, во театарот Феникс, Њујорк (1993);
  • „Панаѓурско театарче (Балаганчик)“ по драмите во стихови од Александар Блок, со актерите од „Мастерскаја П. Фоменко“, како учесници на Руската сезона во Париз (1994). Претставата имаше премиера во Одеон – Театарот на Европа. Московската премиера на претставата се одржа во октомври 1994г., на сцената на Моссовет театарот;
  • „Евгениј Онегин“, операта од Пјотр Илич Чајковски во Опера театарот во Лил, Франција (1997);
  • „Пугачов“ според дела на Александар Пушкин и Сергеј Јесењин во Петтиот театар, Омск (1998);
  • „Фауст и Елена“ од Јури Јурченко во Мобеж, Франција (1998);
  • „Роберто Зуко“ од Бернар-Мари Колтес, Сплитско лето, Хрватска (2002).

Поповски во 2005 г. одржа тринеделен мастер-клас во Москва за американските студенти на Харвард-Москва летната школа за уметнички театар. Ова кулминираше со претставата „Таму каде што не сум бил“ од Жанина Мирчевска, за Шестото студио на Американското студио на Московскиот уметнички театар. Тој исто така држеше и повеќе мастер-класови на Харвард во Кембриџ, Масачусетс.

Освен во „Мастерскаја Фоменко“, Иван Поповски постојано соработува со Театарот на музика и поезија под раководство на Елена Камбурова и Центарот за опера на Галина Вишњевскаја, во кои има реализирано по неколку продукции, за кои е и повеќекратно наградуван.

Поставки во Театарот на музика и поезија на Елена Камбурова:

  • „Капките од данскиот крал“, по песните од Булат Окуџава (2003)
  • „П.С. Мечтаења“, концерт – фантазија, по песните на Шуберт и Шуман (2003);
  • „Апсинт“, концерт – халуцинација (2005);
  • „Четири годишни времиња“, концерт без зборови (2008)
  • „Земја“, по музика од Ј.С.Бах (2012)
  • „Победа. Реквием.“, посветена на 70-годишнината од победата над фашизмот (2015).

Поставки во Центарот за опера на Галина Вишњевскаја:

  • „Царска невеста“ од Николај Римски-Корсаков (2003);
  • „Риголето“ од Џузепе Верди (2005);
  • „Кармен“ од Жорж Бизе (2007);
  • „Борис Годунов“ од Модест Мусоргски (2012);
  • „Палјачи“ од Руџеро Леонкавало (2014).

Во 2005 година, на сцената на Баљшој театар Поповски го постави оперско-балетскиот спектакл „Војна и мир“ од С. Прокофјев, во 2006 година „Паразит“ од И. С. Тургењев во Театарот на В. Мајаковски, а во 2о1о година мјузиклот „Обично чудо“ во Театарскиот центар на Дубровка.

Во поново време, Поповски го постави „Идиот“ од Ф. Достоевски во ЗКМ во Загреб, Хрватска (2012), повторно операта „Евгениј Онегин“ од П.И. Чајковски во СНГ Марибор, Љубљана, а потоа и „Мртви души“ од Н. В. Гогољ, во Драмата на истиот театар во Марибор.

Во Македонија, тој досега ги има поставено претставите:

  • „Macedoine: Одисеја 2001“ (2001), – копродукција на Драмски театар Скопје, МНТ Скопје, Народен театар од Битола, фестивалите Охридско лето и МОТ. Со оваа претстава, премиерно одиграна на 12. 07. 2001 година, се отвори реставрираниот Антички театар во Охрид;
  • „Дневникот на лудиот“ од Н.В. Гогољ (2001), независен проект на продукцијата на Бајруш Мјаку;
  • „Мајсторот и Маргарита“ од М. Булгаков (2015) во МНТ Скопје.

За своите врвни уметнички достигнувања, Иван Поповски низ годините беше наградуван со највисоки признанија: наградата на Московската секција критичари за најдобра претстава на годината „Врв на сезоната“ (1992), наградата за најдобра претстава вон конкуренција на фестивалот „Контакт“ (1993) и гран-при на фестивалот BITEF во Белград (1997) за претставата „Авантура“, гран-при на фестивалот „Сплитско лето“ за претставата „Роберто Зуко“ (2002), „Наградата на градот Москва во областа на литературата и уметноста“ (2009) во категоријата „Музичка уметност“, за создавањето на трилогијата „П.С. Мечтаења“, „Апсинт“ и „Четири годишни времиња“ во Театарот на Камбурова, потоа наградата „Кристална Турандот“ (2009), наградата „Музичко срце на театарот“ (2010), наградата „Златен Витез“ (2008, 2010). Иван Поповски е лауреат на Националната театарска награда „Златна Маска“ во номинација на „најдобра претстава од голем формат“ за претставата „Сон на летната ноќ“ (2016).

Во 2007 г. Претседателот на Република Македонија го одликува Иван Поповски со почесната титула Амбасадор на културата на Република Македонија во Руската федерација. Во 2008 г., рускиот претседател Дмитриј Медведев потпиша указ со кој Поповски се наградува со медаљата Пушкин „за значаен придонес во зајакнувањето на руско-македонските односи и популаризацијата на руската култура и јазик“.

 

*****

КOНФЛИКТ – актерска работилница

Работилницата е дел од програмата Мајсторски работилници по актерска игра и режија организирана од Театар на навигаторот Цветко, и проект просторот Кино Култура.

Проектот е поддржан од Општина Центар, Град Скопје и Министерството за култура на Р.С. Македонија.

Municipality-of-Centar-725x1024grad-skopje-logo105_Logo_MKultura_H_C_MK