Курс по актерска игра според пристапот на Санфорд Мајснер со Зоја Бузалковска

15.10.2020

„Мајсторски работилници за актери и режисери 2“

Театарот на Навигаторот Цветко и Кино Култура – проект просторот организираат втора серија на работилници како дел од проектот „Мајсторски работилници за актери и режисери 2“. Во 2019 се оддржа првата серија неколку работилници за актерска игра и режија во просторот на Кино Култура.

Театарот на Навигаторот Цветко и Кино Култура, во рамките на проектот „Мајсторски
работилници за актери и режисери 2“, ве повикуваат да земете учество на првата работилница „Курс по актерска игра – пристапот на Санфорд Мајснер“, водена од Зоја Бузалковска, тетарска режисерка и професорка по актерска игра на ФДУ Скопје.

 

Потенцијални кандидати:

Курсот по пристапот на американскиот актер, режисер и педагог Санфорд Мајснер е наменет за студенти по актерска игра, студенти по режија, дипломирани актери, дипломирани режисери, аматери кои имаат амбиција да заиграат пред камера, потенцијални кандидати за студии по актерска игра.

 

Цели на курсот:

Сите вежби и задачи што ги добиваат учесниците се базираат на методот на Санфорд Мајснер, еден од најголемите познавачи на системот на К. С. Станиславски во Соединетите Американски Држави, кој од сопствената разработка на овој систем изгради пристап далеку попрактичен од оној на Станиславски. Овој пристап, кој ја изолира позицијата актерството е дејствување, денес го носи неговото име и е еден од најприменливите методи по кои работат американските актери. Три важни елементи во пристапот се: дејство (активност), елемент на вистина и имагинарни околности.

Преку овој пристап, учесниците стекнуваат есенцијални вештини во актерската игра, како: вистинско, активно слушање, инстинктивно, а не смислено дејствување, да се живее потполно во моментот, отвореност и расположивост за партнерот, но и за себеси, да се биде перцептивен и рецептивен, навистина да се дејствува, попрво одошто да се преправа дека се дејствува, да се има способноста да се внесе длабоко лично значење во работата. Да не се знае, иако веќе се знае, на сцената (да се одигра првпат, нешто што се пробува со месеци), во градењето на имагинарните околности да се вгради и елементот на вистината, кој ќе ја засили мотивацијата на сцена.

 

Структура и динамика на курсот:

Курсот се состои од 16 сесии. Секоја сесија се состои од 4 часа, по 45 минути т.е. има вкупно времетраење од 3 часа.

Работните сесии се со конкретно определени теми и стриктно зададени вежби. На сесиите учесниците работат во парови, наизменично, со постојано ротирање и промена на партнер, а кога не се на сцената, ја преземаат улогата на активни набљудувачи.

Принципот на работа во сесиите е дека сите заедно, со секоја нова сесија, градат една вежба, сė додека таа не ги добие сите потребни драмски елементи, кои се вградуваат во целината еден по друг. Секоја вежба ја овозможува следната. Како да се градат блокови, со секој чекор учесниците поставуваат основа за она што е следно и во таа смисла, потребен е континуитет и редовно присуство на сите учесници.

 

Групата која ќе го следи курсот е ограничена на најмногу 10 учесници.

 

Термин:             

Работилницата започнува на 15-ти октомври и содржи 16 три часовни сесии.

Пријавување:                 

На работилницата можат да се пријават професионални, дипломирани актери и режисери, студенти по актерска игра и тетарска режија или аматери.

 

Ве молиме испратете e-mail на kinokultura2015@gmail.com со вашето име и презиме, контакт телефон, година и класа на дипломирање или година и класа во која моментално студирате, како и кратко CV, доколку аматерски се занимавате со театарот.

 

Работилницата ќе се одвива во живо, во проектниот простор Кино Култура и на други локации.

Откако пријавувањето ќе заврши, ќе добиете e-mail со информации за местото и терминот на првата сесија.

 

*****

„Курс по актерска игра – пристапот на Санфорд Мајснер“

Работилницата е дел од програмата „Мајсторски работилници за актери и режисери 2“ организирана од Театар на навигаторот Цветко, и проект просторот Кино Култура.

Проектот е поддржан од Општина Центар, Град Скопје и Министерството за култура на Р.С. Македонија.

 

Municipality-of-Centar-725x1024

grad-skopje-logo1

05_Logo_MKultura_H_C_MK